Според одлуката на Државната изборна комисија, пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството за теренска проверка на списокот. Членовите на ДИК едногласно го изгласа упатството за теренската проверка на избирачкиот список, за кој претходно, членовите на ДИК одлучија дека пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството. Информираа дека преку интернет апликацијата за избирачкиот список, досега имало околу 3.000 пријави за неправилности од граѓани, а Комисијата разгледала помалку од една четвртина од нив, односно 683.

Правната служба во Комисијата ќе ги разгледува пријавите, по што најспорните ќе бидат разгледувани на седница на ДИК и допрва ќе се договора како да постапи со нив.

Пријавите на граѓаните, како што соопшти ДИК, се однесуваат за лице кое не е државјанин на Македонија, лице кое не поседува важечка лична карта или патна исправа, лице кое нема наполнето 18 години, лице кое е на привремена работа или престој во странство, лице кое има живеалиште на друга адреса, а претходно имало живеалиште на дадената адреса, лице кое е починато, лице кое не живее на одредената адреса, а нема податок дека има друго живеалиште.

Граѓаните на социјалните мрежи постојано споделуваат информации за „натрапници“ на своите адреси, иселени лица, починати гласачи, нелогичен број на станари на еден стан, регистрирани гласачи на адреси на институции, како и на амбасади.

Се уште во ДИК траат вкрстените проверки на бази на податоци од различни институции, а Комисијата најави дека првите резултати од тие проверки е можно да се објават викендов. По тоа треба да следи теренската проверка на проблематичните прашања што ќе произлезат од вкрстеното проверување.

OhridNews