Целосно се распродадени влезниците за настапот на познатата хрватска пејачка Тереза Кесовија на отворањето на ликовната колонија „Вевчански видувања“, што ќе се случи на 24-ти јуни во 21 часот. Гостите на отворањето на колонијата ќе имаат извонредно ретка можност да бидат во друштво со кралицата на шансоните во прекрасниот амбиент на ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани. 

На осмата ликовна колонија „Вевчански видувања“, што ја организира угостителскиот бренд „Виа Игнација“, годинава учество ќе земат триесеттина познати уметници од земјава и светот.

Ликовната колонија „Вевчански видувања“ во изминатите осум години прерасна во респектабилна културна манифестација, чиј квалитет е препознаен во светски рамки. Најдобрите дела насликани од учесниците на колонијата се изложувани во странство, минатата година во април колонијата имаше изложба во „MC Gallery“ во Њујорк, САД, a оваа година изложбата ја посети Москва каде ликовните дела беа изложени во Универзитетот за уметност и дизајн.

OhridNews