Судот за арбитража во спортот ја одби жалбата на Барселона, што значи дека каталонскиот клуб нема да може да регистрира играчи во 2015 година.


Дисциплинскиот комитет на ФИФА во април ја казни Барселона со забрана за вршење на трансфери во 2015 година, бидејќи клубот ги прекршил правилата за трансфери на играчи помлади од 18 години.

Барселона тогаш беше казнета и парично со 450.000 швајцарски франци, но клубот откако ја плати казната, сепак, успеа да издејствува да може да носи играчи во изминатиот летен преоден рок пренесува „Макфакс“.

ФИФА, исто така, со 500.000 швајцарски франци го казни и Фудбалскиот сојуз на Шпанија поради кршењето на истото правило и му определи рок од една година да го регулира својот систем кој се однесува на трансфер на фудбалери помлади од 18 години.

Инаку под истрага на ФИФА беа неколкумина млади фудбалери кои се регистрирани за Барселона и играле за овој клуб во периодот од 2009 до 2013 година. ФИФА и Барселона не ги потврдија идентитетите на играчите, поради кои клубот е казнет, но изминатиот месец првиот човек на ФИФА, Сеп Блатер соопшти дека станува збор за шестмина малди фудбалери: Ли Сеунг Ви, Паик Сеунг Хо и Јанг Гјеолхи од Јужна Кореа, Тео Шендри од Франција, Боби Адеканје од Нигерија и Патрис Соуси од Камерун.

 

Ohridnews