Проблемот со бездомните кучиња и напуштени миленици деновиве повторно е актуелен, откако расно куче ротфајлер во Скопје нападна повеќе деца и возрасни и им нанесе повреди. Кучето е заловено и пренесено во стационарот Вардариште. Во тек се испитувања за причините за нападот и доколку се утврди агресивност кај животното тоа ќе биде еутанизирано. Се трага по сопственикот на ротфајлерот кој не бил чипуван иако од пред три години на сила е законот за задолжително чипување на миленици.
Овој проблем се смета за една од причините за зголемување на бројот на бездомни животни и покрај програмата за стерилизација и кастрација која се спроведува во градовите. Бројот на бездомни кучиња во Охрид исто така е голем, а дел од нив можат да се видат во строгиот центар на градот во новогодишно украсените паркови каде секојдневно се фотографираат деца и минуваат луѓе. Граѓаните се загрижени за безбдноста и бараат решавање на проблемот.
Со проблем и понатаму се соочуватаат и жителите на Видобишта, каде бездомните кучиња секојдневно го расфрлаат отпадот од кантите за отпад по околината барајќи храна.
-Секоја недела се создава депонија во нашите дворови. ЈП Охридски Комуналец на наш повик доаѓа ја расчистува депонијата, ама кучињата повторно ја создадоа. Последниот пат работниците на Комуналец чистеа по дожд и студено време, ама џабе кога кучињата за кои никој не се грижи повторно го расфрлаа ѓубрето насекаде. Здруженијата за заштита на животни ако можат да се справат со проблемот нека дојдат и нека го решат и нека им изготват фактура на надлежните локални и државни институции бидејќи не планирам да се враќам во камено доба и да се борам со мачки и кучиња за парче храна. Затоа што на оваа држава и плаќам комуналии и даноци. – вели револтиран жител на населбата Видобишта.
Новата локална власт во Охрид на почетокот од мандатот вети решавање на проблемот со бездомните животни во соработка со здруженијата за заштита на животните преку програмата за кастрација и стерилизација, по што доколку не се вдомат кучињата се враќаат повторно на улиците. Ваква програма се спроведува во главниот град веќе 10 години но скопските власти велат дека таа не дала резултати, бидејќи и покрај кастрацијата и стерилизацијата бројот на бездомни кучиња наместо да се намалува се зголемува, затоа што тие неконтролирано се размножуваат во руралните средини. Згрижувањето, пак, на сите бездомни животни во стационар е невозможно бидејќи чини прескапо.
Телевизија Телма повикувајќи се на податоци од здравствените установи објави дека од 10 каснувања на луѓе 9 се од кучиња кои имаат сопственик, а само едно од куче скитник. Последниот напад на луѓе од расниот ротфајлер предизвика опасна реакција. Низ главниот град расфрлани се големи количини отров. Угинаа повеќе бездомни кучиња, но отровот сега ги демне луѓето и децата кои секојдневно се шетаат во парковите. Љубителите на животни денеска јавуваат за такви случаи во Охрид, каде исто така се убиени бездомни кучиња, но и други животни.
Од 2014 на сила е Законот за благосостојба на животните, но очигледно е дека сам по себе тој не го решава проблемот. Потребна е сериозна стратегија и финансиски вложувања со цел изнаоѓање на системско решение за проблемот, што заедно со доследно спроведување на законот кој предвидува чипување на милениците и строги казни за несовесните сопственици, единствено коже да вроди со плод. Се додека проблемот се сведува на жолчни расправии помеѓу загрижените граѓани, љубителите на животни, здруженијата за заштита на животните и нивните неистомисленици, а отсуствува соодветна реакција и конкретна акција на институциите, тој нема да биде решен.
Г.М.














