Без најава, соодветна подготовка и информирање на јавноста, денеска започна санацијата на стариот Чинар на плоштадот Крушевска република, кој поради значењето е прогласен за споменик на природата. Санацијата на чинарот, кој е во многу лоша состојба, за што во неколку наврати пишуваше OhridNews, е проект од програмата за заштита на животната средина на општина Охрид, а ја извесуваат експерти-конзерватори од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Поради недоразбирање, изведувачите, без да го пријават своето пристигнување кај надлежните служби, започнале со санација на чинарот, дознава OhridNews. Просторот околу чинарот, согласно прописите, не бил соодветно заграден и обележан, а не била поставена ниту информативна табла за работите кои се одвиваат, што ги збуни охриѓани, а неколкумина и реагирале кај надлежните институции.


Од општината велат дека проектот било предвидено да се реализира оваа недела, но не добиле никаква најава за започнатите активности.

Советникот Дејан Пановски, кој отвори дебата за ова прашање во градското собрание, вели дека се работи за недоразбирање, поради отсуство на комуникација, но дека сега сите одговорни субјекти се информирани и очекува да се надминат проблемите. Санацијата како што посочи Пановски, предвидува чистење на трулежот од дрвото, негова заштита, премачкување со специјални средства и заштита во иста форма како и претходно.


Екипата која ја врши санацијата е истата која работела на заштита на Чинарот пред десет години кога во големото невреме што го зафати Охрид, беше оштетено 11 вековното дрво кое според легендите го засадил Св. Климент. Опшивањето на чинарот со шиндра и пополнувањето на шуплините со пур пена и ден денес се оспорува од стручната јавност. Стручњаците сметаат дека за спас на најпознатиот охридски Чинар е потребно да се побара помош од специјализирани институции во странство. Како најсоодветно решение уште пред повеќе години беше предложено  да се засади ново здраво стебло во шуплината на стариот чинар, бидејќи  карактеристиките на ова дрво дозволуваат паралелно да растат две стебла со што ќе се продолжи животот на оваа природна вредност.

Горан Момироски