Соработката помеѓу медиумите и портпаролите во институциите на локално ниво во Охрид и Струга, генерално е задоволителна, но постојат и проблеми во комуникацијата кои треба да се надминат. Ова меѓу другото беше истакнато на работниот состанок што во организација на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ се одржа вчера во Охрид. На состанокот присуствуваа претставници на медиумите од Охрид и Струга, портпароли и лица за односи со јавност во институции од двете општини, како и раководството на Синдикатот на медиумските работници.
-Кога брзаме дневно по иформација ако институцијата е затворена одиме со неофицијални информации, односно шпекулации, со што се влегува во сива зона, што пак отвора ризици, а неретко таквите непотврдени информации се основа за тужба.-беше посочено на средбата.
Новинарите се пожалија на затвореност на дел од институциите и недоволна комуникација, како и на слективно сервисирање на информации и калкулантско фаворизирање на одредени медиуми со одредена цел, а на штета на професионалните медиуми. Новинарите забелешки упатија и на затвореноста на дел од подрачните единици на министерствата во Охрид и Струга, како и на лошата комуникација со службите за односи со јавност во одредени министерства на централно ниво.
Портрпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски, истакна дека службата за односи со јавност во согласност со овластувањата се труди секогаш навремено да ги сервисира медиумите со потребните информации и дека комуникацијата засега е на задоволително ниво, со одредени исклучоци.
И портпаролот на Националната установа „Охридско лето“, Сузана Вренцоска, ја оцени како добра соработката со медиумите, псочувајќи дека кон тоа придонела отвореноста на институцијата кон јавноста, иако, како што посочи, понекогаш постои тенденција кај некои медиуми работите да ги прикажуваат поинаку од тоа што се.
Од друга страна, општина Струга во досегашната систематизација нема портпарол, ниту служба за односи со јавност. Во тек е нова систематизација со која ќе се поправи ваквиот пропуст, најави претставникот на општина Струга Албри Хоџа, кој во моментов е одговорен за комуникација со медиумите.
На средбата стана збор и за синдикалните права на вработените во медиумите. Притоа беше истакнато дека иако медиумските работници се соочуваат со проблеми и им се ускратуваат работничките права, недостига посериозна синдикална организираност. Од Синдикатот на медиумските работници ги охрабруваат вработените во медиумите да се зачленат во синдикат со цел да бидат заштитени и унапредени нивните работнички права.
Работниот состанок во Охрид, е дел од активностите на Здружението на новинари на Македонија предвидени со Годишната програма за работа. Вакви средби ќе се одржат во сите шест регионални центри на ЗНМ, а заклучоците ќе бидат преточени во насоки на делување на здружението со цел подобрување на взаемната соработка и комуникација на новинарите и институциите, која е од интерес на јавноста.
OhridNews