Најдобриот на сите времиња на Охридскиот пливачки маратон, Бугаринот Петар Стојчев придодаде уште една, единаесетта победа на патеката „Климе Савин“, поставувајќи нов рекорд во најбрзата трка одржана до сега. Тој делницата долга 30 километри ја исплива за 5 часа, 19 минути, 30 секунди и 35 стотинки, 19 секунди побрзо од најдоброто време на Словенецот Игор Мајцен поставено во 2000 година. За Стојчев ова беше јубилеен 20 настап во Охрид.

-Победата не е случајна, таа е плод на макотрпна работа и треба да се каже јасно кој е овде најдобриот, изјави Петар Стојчев.


Тој истакна дека денешниот маратон во Охрид е последен на кој настапува како пливач.

-Освоив се што можеше да се освои во Охрид и први места и награди, а сега го поставив и рекордот на трката, што уште треба, доста е, рече Стојчев.


Второто место во машка конкуренција во фото финиш го освои водечкиот во генералниот пласман и севкупен победник во Светскиот куп оваа година, Тренд Гримси од Австралија, пред Даниел Блаум од Аргентина.


Најдобар Македонец беше Евгениј Поп Ацев кој на целта пристигна петти.

-Презадоволен сум од постигнатиот успех. Трката беше напната,  до последните метри беше борба, во последните 500-600 метри се одлепи водечката група, но фактот што е поставен нов рекорд на трката значи дека сите сме пливале брзо и дека напредуваме, изјави Поп Ацев.


Во женска конкуренција триумфираше Олга Козијуб од Русија со време 5. 33.41.66 часа, пред сонародничката Ана Уварова и Силвија Рубарова од Чешка на која во драматичен финиш и припадна третото место. И годинава Македонија во женска конкуренција немаше свој претставник.


Маратонците на целта беа пречекани покровителот на најзначајната спортска манифестација во земјата, претседателот Ѓорѓе Иванов, како и од неколку илјади љубители на спортот кои пливачите ги наградија со громогласен аплауз.


Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон изнесува 25.000 долари, а севкупниот победник, Петар Стојчев, ќе инкасира 6000 долари.


Непобедливиот Стојчев 11 пат триумфираше на Охридскиот пливачки маратон

Со трката во Охрид завршува Гран при серијата на ФИНА за 2012 година.

OhridNews