Со вчерашната изложба во Културно-информативниот центар „Култура 365“, во градот продолжија активностите на охридските уметнички творци.
Овој пат, вљубениците во фотографијата имаа можност да се запознаат со делата на охриѓанката Јасна Христовска, преку нејзината самостојна изложба насловена како „Сведоци на еден живот“.
„Како што гледате, изложбата претставува склоп на повеќе проекти, кои ги работев последните две години. Тука е вклучена мојата прва самостојна изложба, од април минатата година. Се надевам дека со овој интензитет, ќе продолжам и во иднина“ – изјави Христовска.
Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“, пред присутните истакна дека оваа изложба претставува уште една потврда за уметничкиот глад на фотографот, по моментите во сегашноста.
„Започнува со минимални движења преку кои е окарактеризирана и најмалата насмевка. Завршувајќи со очигледното движење преку разиграност во просторот, темата „Движење и чувства“ Христовска ја затвора во круг. Заробени во фотографската рамка, овие моменти стануваат сведоци на минливоста. Се вели, се е минливо само уметноста е вечна. “ – истакна Размоска.
Таа потенцира дека „Сведоци на еден живот“, претставува визуелен приказ на движењето, моториката на луѓето, односно непостојаноста.
„Фотографирајќи ги во круг лицата и неговите фацијални изрази во светлина и сенка, авторот уште еднаш покажува дека фотографиите се доказ за непостојаноста, убавината и минливоста на животот. Со тоа, Јасна Христовска покажува дека она што најмногу се посакува во живтот е постојаност, а веднаш потоа страст.“ – додаде Размоска.
Инаку, изложбата во КИЦ „Култура 365“ ќе биде отворена во следните две недели, како охриѓани би имале можност подобро да се запознаат со творештвото на нашата сограѓанка. Јасна Христовска е член на Фото клубот Охрид, а од неодамна е дел од Центарот за културен проток „АРТерија“.
О.Т.