Спортско риболовниот клуб Св. Апостол Петар со апел да се спречи ловењето на белвицата во период на мрест.

–    Со дозвола  на експертите и  ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство се дозволува стопански риболов на белвица за време на мрест, и тоа  со помали окца на мрежи од дозволените според подзаконските акти, кои се на сила. Не се почитуваат Законот  за рибарство и аквакултура , подзаконските акти, правилниците за дозволена големина на риби за лов , потоа  за дозволена големина на риби за пуштање во промет , правилникот за дозволени големини на  мрежи кои можат да се употребуваат за стопански риболов  и риболовната основа. Белвицата се ловеше секој ден од 15 октомври до први декември, а сега се дозволи нејзин лов 6 дена  во шпицот на нејзиниот мрест до 15 декември. Сега се мрести и охридската пастрмка така да во мрежите за белвица се ловат и мали примероци на охридска пастрмка, велат од Св. Апостол Петар.

Оттаму потенцираат дека никаде во светот не е дозволено да се лови било која риба во време на мрест со мрежи, а според подзаконските акти забраната за лов на белвицата започна на 15 октомври и трае до 31 март.

Концесионерот на Охридското Езеро, „Пастрмка 2012“ најостро ги отфрла изнесените ставови во јавноста од страна на Здружението на рекреативни риболовци „Св. Апостол Петар“ дека наводно се врши „геноцид“ врз охридската белвица.

–    Најодговорно ја информираме јавноста дека концесионерот врши риболов исклучиво согласно законските прописи и одредби пропишани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, донесени врз основа на научни сознанија и препораки од Хидробиолошкиот завод од Охрид. Согласно истите јасно и недвосмислено се пропишани количините риба – белвица кои концесионерот може да ја излови во првата година од концесијата, потенцираат од „Пастрмка 2012“.

    Оттаму додаваат дека согласно добиеното одобрение за продолжување на риболовната сезона на концесионерот законски му е одобрен селективен риболов за стопански цели само шест дена во месец декември, во вкупна количина од само 300 килограми со риболовен алат пропишан согласно правилникот за стопански риолов и тежина на уловените единки не помала од пропишаната.

–    Риболовот е строго контролиран и се врши под надзор на Државниот инспекторат и Хидробиолошкиот завод.Овој риболов се врши со цел да се утврди состојбата со рибниот фонд на охридската белвица, за која во периодот кога немаше концесионер неконтролирано се изловуваше риба од страна на рибокрадците и до 2 тони во текот на еден ден, велат од „Пастрмка 2012“.

Од страна на концесионерот изнесените обвинувања се оценуваат како груба дезинформација на јавноста од страна на “квази“ експерти, со што се нанесува  штета на концесионерот на Езерото. Поради тоа се најавува преземање законски мерки со цел да се заштити неговиот углед.

OhridNews