Родители чии деца се згрижени во целодневен престој во основното училиште Св. „Климент Охридски“ се жалат дека биле условувани нивните деца да се хранат во училишната кујна, во  спротивно не ќе можело  да го посетуваат целодневниот престој.

Поради ваквите реакции, вчера се оддржал состанок на советот на родители на кој едногласно била донесена одлука родителите да не се условуваат и целодневниот престој на децата да не се поврзува со нивната исхрана. Донесен бил и заклучок да се подобри квалитетот на храната која им се дава на учениците.

Директорката на училиштето, Славица Илиќ објаснува дека не станува збор за условување на родителите. Ним им било овозможено да одлучат- доколку нивното дете го напушти престојот до 14 часот не мора да се храни во училишната кујна, но дека треба да зема оброк од кујната доколку престојува во училиштето до 16 часот.

– Морам да нагласам дека хигиената во однос на исхраната на децата е на високо ниво. Разговаравме и со фирмата која ја има закупено  кујната со цел да се зголеми квалитетот на храната и добивме ветување дека тоа ќе се направи во скоро време. Но, мора да се направи компромис кој ќе ги задоволи барањата и на родителите, но и на закупецот на кујната. Фирмата секако доколку нема профит, може и да си замине па училиштето да остане повторно без кујна во која ќе може да се хранат учениците , како што беше случај во првите два месеца од учебната година додека беше распишан тендерот за избор на фирма која ќе ја подготвува храната, вели Илиќ.

Директорката додава дека се работи на надминување на проблемот со цел да се изнајде соодветно решение, кое пред се нема да биде на штета на учениците.  

Т. К.