Несовесни граѓани го одлагаат градежниот шут каде ќе стигнат, реагираат жителите на Охрид и oколните населени места. Велат се уништува природата, се загадува околината и потребна е итна реакција од надлежните, но и да се казнуваат сторителите.
Во близина на станбен објект, реагираат жителите на Охрид, е оставена поголема количина на градежен шут.
Дива градежна депонија на пресекот на улицата „Даме Груев“ со „Туристичка“. Како ЕВН дозволи табла и кабли да се постават? Каде е општинскиот градежен инспекторат? Сигурно има повеќе вакви места низ градот, реагираат жителите.
И жителите од село Вапила се соочуваат со истиот проблем. Велат жално е да се уништува природата од несовесни граѓани.
Жално е што сè почесто сведочиме на вакви ситуации во нашето село Вапила. Има неверојатно убава и тивка природа, место што треба да биде зачувано, а не уништено. Има луѓе со недостаток на свест, совест и контрола, реагираат жителите.
На ниската свест кај граѓаните за одлагање на градежниот шут реагираат и Вевчанци. Велат треба тие што го оствавиле овде отпадот да го подигнат, во спротивно бараат да бидат изречени казни.
Во околината на црквата „Свети Димитриј“ во Вевчани се поголема и поголема депонја. Реакции од надлежните немат. Битно сме топ 100 зелена дестинација, стои во реакцијата.
Ваквите случаи на оставање градежен шут на различни локации во градот и околината е честа слика, а поединци и понатаму го одлагаат каде ќе стигнат или пак на најблиската локација, не грижејќи се дека со тоа ја загадуваат околината, а истовремено и се создава непријатна слика за минувачите.
Н.С.Ј.