По страшниот бродолом на бродот „Коста Конкордија“ се појави љубовна приказна која потсетува на несреќната љубов на Роуз и Џек што се случи на потонатиот брод „Титаник“, која беше прикажана и на филм.

На бродот во моментот на несреќата се наоѓал и брачниот пар Сервел. Нико Сервел раскажува како нејзиниот сопруг го жртвувал својот живот давајќи и го нејзе својот елек за спасување, пренесува Хуффингтон пост.

Тоа било последен пат кога го видела жив својот сопруг. Тој сè уште се води како исчезнат.

„Му го должам мојот живот нему. Ми го даде елекот за спасување бидејќи јас не знам да пливам“ рече Никол.

За смртта на својот маж ги обвини вработените на бродот за кои тврди дека прво се спасувале себеси, наместо да им помагаат на патниците.

Во несреќата загинаа седум лица, 42 се повредени, а уште 15 се водат за исчезнати.

Двајца потомци на келнер од „Титаник“ меѓу патниците на „Конкордија“

Двајца лондончани, потомци на момче кое на почетокот од дваесеттиот век работело на легендарниот „Титаник“ како келнер и се удавило во неговото тонење, биле меѓу патниците на брод „Коста Конкордија“, кој доживеа хаварија ноќта на 14-ти јануари, во Тиренското Море во близина на островот Џиљо, крај крајбрежјето на италијанскиот регион Тоскана.

Како што пишува во вторникот италијанската новинска агенција Анса, 30-годишната Валентина Капуано од јужниот италијански град Авелино, во регионот Кампања, ја преживеала несреќата на италијанскиот луксузен туристички крстосувач заедно со нејзиното момче, неговиот брат и неговата девојка.

Валентина и нејзиниот брат се правнуци на емигрант во Лондон кој се викал Џовани, којшто на 25-годишна возраст пред сто години добил работа како келнер на во тоа време најголемиот патнички брод на светот – „Титаник“, а загинал на 14-ти април 1912 година, заедно со повеќе од 1.500 патници и членови на екипажот на бродот кој во тоа време се сметал за најсовременото достигнување на бродоградежништвото.

а разлика од нивниот несреќен предок, тие успеаја навреме да го напуштат бродот „Коста Конкордија“ и да ја избегнат судбината на роднина. Сепак, спомените на баба им за несреќната судбина на Џовани, веднаш го заживеле сеќавањета на братот и сестрата, пишува агенцијата.

Речиси точно пред сто години, „Титаник“ потона за два часа и 40 минути во Атлантикот по судирот со санта мраз.

OhridNews
извор: „Макфакс“