Детскиот анимиран филм „Неверојатната приказна за џиновската круша“ ќе биде прикажан на кино репертоарот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Проекциите се закажани за среда (10.11.2021) и четврток (11.11.2021) во почеток во 18:00 часот.

 

Филмот е  синхронизиран на македонски и албански јазик,а ја обработува приказната за животот во градот Санитаун кој е убав и мирен се додека еден ден Мичо и Себастијан не најдат порака во шише на пристаништето. Шишето е од исчезнатиот градоначалник на Санитаун со порака дека е на мистериозен остров и направил големо откритие. Сега тие мора да тргнат на опасно патување за да го спасат градоначалникот и да го доведат дома, а во тој процес откриваат нешто што ќе му донесе големо задоволство на градот Санитаун – џиновска круша.

Како режисери на филмот се потпишуваат Филип Ајнстин Липски, Јурген Лердам и Амелие Несби Фик. Данскиот филм е комплетиран во 2017 година и трае 79 минути.
„Неверојатната приказна за џиновската круша“ беше селектиран во детската програма КПлус во рамките на Берлинскиот филмски фестивал, и досега е продаден во повеќе од 100 земји. Филмот е наменет за публика на возраст од 4 до 14 години.
Картите по цена од 100 денари ќе бидат пуштени во продажба на билетарата при НУЦК “Григор Прличев” – Охрид, а проекцијата ќе се одвива согласно пропишаните здравствени протоколи со ограничен број на публика.

 

OhridNews