Гграѓанската иницијатива „Охрид СОС“ во соработка со Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“ доставиле повеќе коментари со забелешки до Националниот парк Галичица, врз основа на јавната расправа по предлогот за измени во планот за управивање со националниот парк, со кои се предвидува изградба на експресен пат, туристички развојни зони и ски центар во заштитените зони на паркот. Рокот за доставување забелешки, кој беше продолжен, измина вчера.

-Коментарите и забелешките главно се однесуваат на домашните и меѓународните закони и конвенции кои се прекршуваат со овие сосила наметнати и неприродни проекти, на апсурдните обиди да се изманипулира јавноста дека со спроведувањето на наметнатите проекти природата всушност нема да се уништи туку ќе се компензира и на огромните, за нас недопустливи, недостатоци и парадокси почнувајќи од конципирањето на проектите, па сè до формалните процеси и процедурите за нивно усвојување. – се наведува во соопштението.

Оттаму посочуваат дека недозволиво е политички центри да ја убедуваат јавноста дека предвидените проекти на Галичица се од јавен, односно општествен интерес.

-Јавноста е таа што одлучува што е од нејзин интерес, а овојпат граѓаните кажаа гласно НЕ за предложените проекти што значат безмилосен масакр на регион кој не само што е прогласен за УНЕСКО светско природно и културно наследство, туку е и УНЕСКО прекуграничен биосферен резерват. По којзнае кој пат нагласуваме дека таканаречените „корисни“ проекти се закануваат неповратно да ја уништат причината поради која планината Галичица е воопшто прогласена за национален парк.Повеќе од очигледно е дека целата идеја за проектите се заснова на чисто финансиски интереси без никаков обзир кон природата. – стои во соопштението. 

Во него уште се додава дека сегашните генерации имаат обвска кон своите потомци да го штитат природното богатство и да им го предадат зачувано на идните генерации.

OhridNews