Формуларот, односно пријавата се подигнува во центрите за вработување според местото на живеење на невработеното лице на денот на првиот редовен термин за јавување, при што тие ќе добијат и кратко појаснување за начинот на пополнување од страна на службено лице. Секоја пријава е нумерички обележана, за што службеното лице задолжително во системот треба да го внесе датумот на подигање на пријавата и точниот нумерички број. Лицето задолжително ја враќа пријавата на денот на наредното пријавување, пополнета и своерачно потпишана.
Службеното лице, нема да може да го евидентира лицето, доколку тоа има подигнато пријава, која ја нема вратено. Доколку лицето ја изгуби или оштети пријавата должно е да даде изјава која треба да биде предадена преку архивата на Центарот за вработување, при што повторно ќе му бдие издадена нова пријава која ќе мора да ја пријави во работниот клуб во присуство на службено лице.
Лицата кои активно бараат работа должни се на секои 30 дена да се јавуваат во Агенцијата, односно во соодветниот Центар за вработување и да докажат дека активно барале работа, додека оние кои се воведени во регистрите на „други лица кои бараат работа“ должни се да се јавуваат на секои шест месеци.