На денешното продолжение на седницата за избор на нова Влада, опозициската СДСМ искажа низа обвинувања поради зголемената невработеност и сиромаштија од доаѓањето на власт на Никола Груевски.

„Имаме програма која е на 70 страни, но таа е празна. Нуди решенија кои што се повторуваат од 2006 па наваму. Од доаѓањето на Никола Груевски на власт имаме зголемена невработеност и зголемена сиромаштија, назадување на интеграцијата на земјава во НАТО и ЕУ, селективна борба со корупцијата и криминалот. Со ваква програма не заслужувате да ја добиете довербата“, рече пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ.
 
На тоа мандатарот Никола Груевски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ работи на намалување на невработеноста и очекува до крајот на мандатот таа да се намали до 25 отсто.

„Не е точно дека со моето доаѓање се зголемила невработеноста. Во владеењето на СДСМ доживеавме историски и невидени размери на невработеност, дури 40 отсто. Во 2006 година ја оставивте државата со 37 отсто невработеност. Сега невработеноста е околу 32 отсто. Во услови на најголемата светска економска криза е намалена за дури пет отсто. Не е доволно тоа, но во такви околности успеавме да ја намалиме. Планот е до крајот на нашиот мандат  да ја намалиме до 25 отсто“, истакна Груевски.

Пратениците од ДПА пак, коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја оценија како најантиалбанска влада, која ги деградира Албанците.

Инаку, седницата почна со половина час задоцнување. Причина за тоа собранискиот спикер Трајко Вељаноски рече дека се технички проблеми.

Дебатата за новиот министерски состав и владината програма продолжува, а треба да заврши најдоцна до полноќ, со гласање за нова Влада.

OhridNews
извор: Makfaks