22:25 Невремето проследено со обилни врнежи од дожд и електрични празнења, што од рано утрово со повремени прекини беснее во Охридскиот регион, предизвика прекини во снабдување со електрична енергија и вода.
Нешто по 20 часот се случија два прекини во снабдување со електрична енергија, поради што кусо време во целосен мрак беа градот Охрид, како и селата во околината, информира ЕВН.
За кусо време електроснабдувањето во Охрид беше нормализирано, а се уште без струја се Куратица и Сирула во Охридско, како и Јабланица, Горно и Долно Татеши, Мислодежда и Добовјани со околината.
Поради настанат дефект на водоводната мрежа (пукната цевка со профил ф160мм), денес од 12 часот без вода се корисниците од горната зона на стариот дел на градот.
Работата на екипата на ЈП ВОДОВОД Охрид ангажирана за санација на дефектот, ја отежнуваат лошите временски услови вечерва. Поради обилните врнежи на кратко тие ја прекина работата, која продолжува во текот на ноќта.
Се работи на тежок непристапен терен, информира ЈП Водовод Охрид.
Жителите на Стар град посочуваат дека освен нив, од проблемот се засегнати и голем број туристи кои престојуваат во сместувачките капацитети во овој дел од Охрид, укажувајќи дека е неопходна подобра реакција и подготвеност на надлежните служби во вонредни услови.
OhridNews
Фото: Илустрација ” Freepik”