Стоечки овации за пијано триото „Вибрарт“ од публиката што вчеравечер го проследи нивниот концерт во рамки на традицоналната Шпанска вечер на „Охридско лето“.

Концертот на кој присуствуваа бројни гости, меќу кои македонската претседателка, Гордана Сиљановска- Давкова, која е и покровител на фестивалот, и државниот секретар за Европска унија во Министерството за надворешни работи на Шпанија, Фернандо Мариано Сампедро Маркос, ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во РС Македонија, Рафаел Сориано Ортиз. Тој нагласи дека главната цел на заедничката културна програма е да се изградат мостови кои ќе ги зближат двете земји уште повеќе.

Оваа година имаме неколку работи за прославување. Во 2026 година се одбележуваат 40 години откако Шпанија се приклучи на Европската унија, проект што целосно ја трансформираше нашата земја и шпанското општество. Како што знаете, Шпанија цврсто ги поддржува европските аспирации на вашата земја. Во 2026 година исто така се одбележуваат 20 години од отворањето на нашата амбасада во Скопје, со обновена посветеност на зајакнување на нашите билатерални односи. Поради сите овие причини, ми е драго што државниот секретар за ЕУ, господинот Сампедро, ни се придружи вечерва, рече амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз, упатувајќи посебна благодарност до директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, за како што кажа, одличната културна соработка што ја одржува со шпанската амбасада.

 

Тројцата исклучителни музичари, пијанистот Хуан Перез Флористан, виолончелистот Фернандо Ариас Фернандез и виолинистот Мигуел Колом Куеста со искрен и автентичен пристап му се посветија на репертоарот и оставија силен уметнички печат врз публиката која час и половина колку што траеше концертот , уживаше во секоја отсвирена нота.

 

Ова ни е првпат не само на фестивалот, туку и во Македонија. Никогаш не сме биле во овој регион и се заљубивме во Охрид, навистина е преубав. Навистина е неверојатна црквата, еден од најубавите православни храмови. Акустиката помага особено на трио како нас да го дадеме најдоброто на концертот. Сакавме да одбереме голем репертоар како , големото клавирско трио на Бетовен во де-дур, клавирското трио бр.1 во де-мол од Менделсон и помалку познатото и ретко изведувано дело „Ноктурно“ оп. 148 на Шуберт кое е недовршено и стои како кратко дело. За бис отсвиривме дело на големиот шпански композитор и пијанист од првата половина на 20.век Мануел де Фаља. Годинава се одбележуваат 150 години од неговото раѓање и затоа направивме аранжман по тој повод, истакнаа харизматичните и виртуозни шпански музичари од триото „Вибрарт“.

Вечерва на 66. Издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде во знакот на британската уметност. Во црквата „Света Софија“ од 21 часот ќе концерт ќе одржи пијанистката Исата Кане-Мејсон. Настанот е поддржан Амбасадата на Обединетото Кралство во земјава,

Пијанистката Исата Кане-Мејсон е препознатлива по нејзините еклектични и стимулативни рецитални програми кои нудат интересен спој на делата на Хајдн и Моцарт, Фани Менделсон и Клара Шуман, Шопен и Брамс, како и на Гершвин и делата од современите композитори. Во репертоарот со оркестар таа изведува дела од класичниот репертоар, како концертите на Феликс Менделсон и на Бетовен, но и од романтичната ера и од 20 век, како оние на Прокофјев и Рахманинов.

Исата е пијанистка во подем и е барана од страна на концертните промотори, како и од оркестрите низ светот. Во јули 2024 година е поканета да го отвори Фестивалот „Би-би-си промс“, во Ројал Алберт Хол заедно со Симфонискиот оркестар на Би-би-си и диригентката Елим Чан. Истата година настапува како солист со Младинскиот оркестар на ЕУ под диригентската палка на Иван Фишер во њујоршкиот „Карнеги Хол“.
Оваа сезона нејзиниот репертоар го вклучува Третиот концерт од Рахманинов кој под диригентската палка на Бар Авни ќе го изведе во амстердамскиот „Концертгебау“ со Оркестарот на Холандското радио, а ќе настапи со Прашкиот радиосимфониски оркестар и со Петар Попелка во салата „Рудолфинум“. Ќе дебитира со Симфонискиот оркестар на Сиетл и повторно ќе застане на сцената заедно со оркестарот на Бирмингем, со Би-би-си Скотиш и со оркестрите во Детроит и во Отава.

Исата продолжува да соработува со нејзиниот брат, виолончелистот Шеку Кане Мејсон, на дуо рецитал турнеја во Европа, во Јужна Америка и во САД. Таа ќе одржи солистички концерти во „Вигмор Хол“ во Лондон, во Бостон, во „Брукнер хаус“ во Линц, во операта во Осло, како и во Филаделфија.

Во 2024/25 година соработува со бас-баритонот Џералд Финли на концертите во Чешка и во Германија, настапува рецитално на фестивалот во Луцерн, како и на турнејата низ САД и остварува концерти со филхармониските оркестри во Лондон, Берген, Бремен и Дуизбург, како и со Симфонискиот оркестар на Северна Каролина, на турнејата со „Штадскапеле Вајмар“ и со оркестарот „Резиденцие“ од Хаг.

Исата е екслузивен уметник на издавачката куќа „ДЕКА“ за која веќе има снимено четири албуми, а последниот е посветен на музиката на Феликс Менделсон и на неговата сестра Фани Менделсон.

OhridNews