Локалните избори што се одржаа во неделата, ја изменија политичката слика во Охрид. Во советот на општината покрај неколкумина „вечни“, ќе гледаме и некои нови лица.

Очекувано, најголемите политички партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, освоија најмногу советнички места, дури 16. На владејачката партија и припаднаа 9, а СДСМ освои 7 советнички места. И едните и другите се надеваат дека ќе го формираат мнозинството во советот, што ќе зависи од пазарот со помалите партии и независните советници, кои ќе играат клучна улога во новиот Совет.

А, таму за прв пат ќе има советници од НСДП-2 и ПЕИ-1, додека најбројната советничка група од минатиот состав на советот, ВМРО НП, сега се сведе на само двајца советници. По еден, ама вреден советник, освоија независните листи на група избирачи предводени од Владо Цветкоски и Љупчо Настоски. И додека влезот на Цветкоски со оглед на присутноста во јавноста и силната кампања, можеби и не е изненадување, тоа не може да се каже и за Настоски кој во последен момент, од сенка, влета во советот. Овој распоред не е конечен, бидејќи тече жалбениот рок.

Сепак, успехот на независните советници е завиден ако се земе во предвид дека тие убедливо, двојно и тројно, беа поуспешни од некои повеќе или помалку етаблирани партии на политичката сцена.Најголем губитник е ЛДП, која не успеа да избори ниту едно советничко место, а ништо подобро не мина ниту СДУ која имаше неуспешно деби на локалните избори. Првите освоија 794, а вторите 604 гласа. Лошо минаа и партиите од албанскиот политички блок, кои во минатиот состав на советот имаа двајца советници. ДУИ освои 824, ДПА – 538, а Нова Демократија на Селмани само 498 гласа, недоволно за советничко место. Најмалку гласови доби Партијата за движење на турците во Македонија – 244.

OHRIDNEWS