Вчерашното опожарување на глисерот во Охридското Езеро уште еднаш ја потенцира  неопходноста од набавување специјален противпожарен пловен објект кој би интервенирал во вакви случаи. И покрај големиот број пловни објекти кои секојдневно се наоѓаат во водите на Охридското Езеро, надлежните досега немаат превземено ниту еден чекор за набавка на објектот. Се поставува прашањето- дали треба да се случи и поголема трагедија од вчерашната во која само полесно беа повредени шест лица, за конечно да се реши проблемот. 


Од општинскиот Црвен крст, чија екипа со бродот амбуланта на место на несреќата пристигна за 14 минути и ги згрижи повредените, потенцираат дека и покрај бројните претходни упатени апели до локалната самоуправа и централната власт за набавка на специјалниот противпожарен пловен објект, досега не е ништо превземено од нивна страна.

Поднесена е иницијатива до Локалната самоуправа, под чија надлежност е Противпожарната единица, како и до охридската Капетанија и Дирекцијата за заштита и спасување. До сега одговор на иницијативата немаме добиено. Како поефтина варијанта од наша страна беше предложено да се користи еден пловен објект кој ќе служи и како амбуланта, а на него да е монтирана и опрема за гаснење на пожар, вели Сашо Точков, претседателот на црвен крст- Охрид.


Неопходноста од набавката на ваквиот пловен објект ја потврдува и командирот на Противпожарната единица, Спасе Прентоски.

Голем пропуст е што нема ваков пловен објект. Нашите екипи се обучени и за спасување на вода, но не сме во можност тоа да го правиме затоа што немаме соодветен пловен објект, изјави Прентоски.


Од охридската Капетанија пак се децидни- набавката на специјализираниот пловен објект е обврска на локалната самоуправа, под чија ингеренција е Противпожарната единица.  – Наша обврска е само при регистрација на пловните објекти да извршиме контрола дали тие поседуваат противпожарни апарати на пловилото. Без нив, не може да изврши регистрација на објектот, вели капетанот Љупчо Настоски.

Од локалната самоуправа пак, без официјален став по ова прашање. – Нашите ингеренции не се и за она што се случува во вода, за тоа е надлежна централната власт и капетанијата, велат од таму.  

Т. Кувенџиска