На големиот христијански празник посветен на Наум Охридски Чудотворец, во центарот на Охрид  свечено беше откриен споменикот на светителот кон кој и денес постои голем култ во народот како и пред 11 века кога тој заедно со Св. Климент и другите следбеници на Солунските браќа Кирил и Методиј ја ширел писменоста и духовноста на овие простори.


Беседа за Св. Наум одржа академик Цветан Грозданов, по што споменикот беше осветен со црковна церемонија која ја предводеше архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

– Никој толку далеку не ја однесол и славата и вистината на Охрид и нашата вистина и за јазикот и за писмото и за културата и за црквата. Сета наша вистина најмногу отишла далеку благорение токму на овој голем човек, на овој божји угодник и голем  човекољубец, рече архиепископот Стефан.


Бронзениот споменик кој заедно со постаментот е висок 6,5 метри е дело на академскиот скулптор Томе Серафимоски. Тој беше излеан во Белград, а вкупната вредност на проектот изнесува 160.000 евра, кои ги обезбеди Министерството за култура, а со сопствени средства партиципираше и општината Охрид.

-Се надевам дека ова дело ќе биде само уште едно потсетување некогаш за нас, а почесто за светот, дека нашите христијански корени се длабоко всадени на овие простори и тие се силата која не одржува низ бурите и невремињата кои поминале или надоаѓаат, истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.


Со поставувањето на споменикот на Св. Наум се комплетираше духовниот тријаголник во центарот на Охрид кој го сочинуваат и обележјата на Светите Кирил и Методиј и на Св. Климент. Според најавите на локалната самоуправа, во иднина се очекува по должината на градскиот кеј да бидат подигнати споменици и на Ангелариј, Тимотеј, Сава  и Горазд, кои се исто така меѓу најдобрите ученици на Кирил и Методиј.

Г. Момироски