Кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“ предводенаод ВМРО ДПМНЕ, Д-р Никола Бакрачески, гласаше на избирачкото место 1264 во старото училиште “Св. Кирил и Методиј“ во населбата Кошишта.
На избирачкото место дојде сам, се поздрави со членовите на избирачкиот одбор и стрпливо застана во редот за гласање. Непосредно по гласањето тој даде изјава за медиумите за очекувањата од локалните избори.
-Пред се очекувам изборите да поминат во мирна, фер, достоинствена и демократска атмосфера, со тоа да докажеме дека припаѓаме на групата цивилизирани општества во Европа. Очекувам граѓаните денес масовно да го искористат своето право на слободен избор и секако на овие избори, како и на сите, граѓаните ќе го одберат она што тие го сакаат.-истакна Бакрачески.
Бакрачески нема забелешки на текот на кампањата, а миговите пред денот на гласањето ги минал во друшво на најблиските пријатели.
-Во текот на кампањата некои посериозни инциденти јас не сум забележал. Вчерашниот ден го минав во топла и пријатна атмосфера со моите другари од детство, а јас се надевам дека ова убаво сонце што го имаме денеска ќе го наговести и текот на целиот ден до крај на овој избирачки процес.-изјави Бакрачески непосредно по гласањето.