Предлогот на француското претседателство не носи подалеку, а не поблиску до членство во ЕУ, смета поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Клучното прашање е дали преку ваков договор сме поблиску до целта- членство во ЕУ. За мене, нема никакви дилеми. Со ваква рамка, ЕУ е подалеку од денес, кога се уште немаме почнато преговори, вели Димитров во изјава за Дојче Веле, по објавувањето на францускиот предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор и отворање на преговорите со ЕУ.

Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нѐ вратат назад, вели Димитров.
Не знам, наведува, што е пострашно, да им верувам на нашиве дека го немаат предлогот или да не им верувам.
Ако не се во тек со предлог што се однесува на македонските маки со Бугарија, тогаш тоа е признание дека не си ја работеле работата за најважното прашање за нацијата. Ако пак го имаат, а велат го немаат, си играат со довербата на јавноста, вели поранешниот шеф на дипломатијата.
OhridNews











