Веќе една деценија, охридскиот магистер по историја на архивистика Никола Митровиќ, ја подготувува документарната фотографска изложба „Охрид понапред“, која вчера вечер беше отворена во музеј куќата на Робевци во Охрид.
Посетителите имаа несекојдневна можност, преку компаративен метод на прикажување фотографии, да се запознаат со изгледот и промените на градот од блиското минато. Градската библиотека, калдрмата и Хотелот Инекс како препознатлив симбол на Охрид, само ја вратија носталгијата кај онаа повозрасна популација.
„На оваа изложба, преку еден компаративен метод се прикажани околу 32 објекти со стариот облик. На еден начин, сакам да укажам на промените на изгледот на градот во последнава деценија и пол. Пред се, на помладите да им го доловам се она што било во блиското минато, а на повозрасната генерација да им го вратам сеќавањето каков бил Охрид.“ – вели Митровиќ.
Идејата за отворање на оваа документарна изложба, кај Митровиќ се зародува уште при студентските денови.
„Долго време живеев и работев во Скопје. При секое мое доаѓање, визуелно ги запишував промените во градот. Сега кога континуирано живеам во Охрид, увидов дека имам огромен опус на фотографии кои прикажуваат одредени места што денес се различни. Токму тоа ме инспирира да ја направам оваа изложба.“ – истакнува нашиот сограѓанин Митровиќ.
Како промотори на оваа несекојдневна изложба, се јавуваат професорот Павле Митрески и фотографот Зоран Велјаноски – Летра.
Според Митрески, историјата може да се прикаже преку едно визуелно сведоштво.„Особено ми е мило што колегата Митровиќ, со еден компаративен метод ни ја покажува најблиската историја на градот. Преку изложбата, тој не потсетува дека секоја фотографија може да укаже на нешто.“ – вели професор Митрески.
Промоторот Зоран Велјаноски – Летра, истакна дека Митровиќ се обидува да ја пренесе идејата за „Cinéma vérité“, која е стара колку и фотографијата.
„Со овие визуелни документи, тој ни открива сосема носталгични пориви кај гледачот. Сосема логично наметнува тематски процеси, кои ќе не доведат до нови идеи на рефлексија на фотографијата и историски расцвет на вековниот град.“ – истакна Велјаноски – Летра.
Нашиот сограѓанин Митровиќ, најавува дека и во иднина ќе ги бележи промените кои ќе настанат во градот под Самоиловата тврдина.
„Доколку имаме интензивна промена на градот, тука се визуелните записничари да го забележат тоа. На тој начин, ќе можеме да ги прикажеме на сите генерации. Исто така, при крај ми е докторатот за Петар Чаулев. Во најбрзо време, би требало да излезе во печат ова мое дело, кое повторно е поврзано со локалната историја.“ – завршува м-р Никола Митровиќ, потенцирајќи го главниот спонзор „Адора Инженеринг“, кој придонел оваа изложба да се оствари.
O.T.