Збирката „Во куќата“ на Николина Андова Шопова во издание на „Бегемот 2026“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија.
Одлуката ја донесе комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ 2026 во состав: Наташа Аврамовска, претседател и членови Весна Ацевска, Весна Мојсова-Чепишевска, Владимир Илиевски и Виолета Танчева-Златева.
Станува збор за мала поетска книшка компонирана во два поетски циклуса и своевидна епилошка песна. Компонирана е едноставно, но влезот во неа е небаре загатка којашто мигновено залисува со магијата на сублимниот поетски израз, кој открива ни помалку ни повеќе одошто е потребно со инстант-ефект да го поведе читателот/читателката на крилјата на вообразбата кон само насетени простори, истакна жирито.
Нема ниту трошка патетика во поетското опејување на цврстата градба на куќата на сеќавањето и паметењето, ниту има случајни и брзопотезни исписи на песните. Секоја од нив, како впрочем и целата градба на книгата е проѕирна, но истовремено во неа се прекршува заемната огледалност на значењата налик на прекршувањето на светлината кај совршено избрусениот кристал, беше посочено на прес конференцијата.
Вонредно талентиран поетски испис на сериозен и зрел автор. Станува збор за поезија која остава траен впечаток со залисната особеност на авторското поетско писмо, стои во образложението на жири-комисијата.
Добитничката Николина Андова Шопова се заблагодари за укажаната чест и доверба.
Сакам да се заблагодарам на сите оние поети пред мене, оние кои ја носеле поезијата како тивок товар и како радост. Некои од нив се добитници на оваа награда и беа и останаа мои први и трајни поетски училишта. Но, тука сакам да ги спомнам и оние поети кои, ете, во текот на животот не добиле место во големите литературни признанија, но добиле место во нашите внатрешни простори, со по еден стих барем, кој променил нешто во нас, во нашата насока на мисла и на дејствување. Дел од овие песни настанаа во периоди на осаменост и на тишина. И сакам да верувам дека преку овие стихови заеднички ќе ја споделиме таа тишина, рече Андова Шопова.
На распишаниот конкурс на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, пристигнаа вкупно 37 ракописи од 35 современи македонски автори.
Г.М.















