„Аустриан ерлејнс“ ќе воведе редовен лет на релација Виена – Охрид. Ова вечерва го најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5.

Зборувајќи за туризмот, Николoски истакна дека иако земјава бележи раст од речиси 20 проценти во оваа област од доаѓањето на актуелната власт, растот е лимитиран и недостигаат нови хотели кои ќе ја зголемат понудата. Оттаму, додаде тој, треба да се размислува за измени во законот за градба за да се олесни постапката за изградба на хотели, но не за апартмани или мали капацитети, туку за Б5 објекти, односно само за големи инвестиции, подвлече министерот.

Туристите бараат квалитет. Освен неколку хотели во Скопје, останатите во најголем дел се од 70-те години. Фалат хотели не само во Охрид, туку и во Скопје, Штип, Гевгелија, Битола и во моменто има проблем да се градат хотели. За да се изгради хотел треба да се донесе ДУП, а таа постапка трае со години. Знаете која е енергијата околу градежништвото, често тие ДУП-ви предизвикуваат контроверзи во јавноста и најголем дел од градоначалниците не се обидуваат да ги донесат и ги разбирам бидејќи тие контроверзи потоа можат да влијаат и на нивното работење и на нивната политичка кариера.  Сега да ни дојде заинтересиран инвеститор ние немаме да понудиме повеќе од две локации за изградба на хотел во цела држава, посочи Николоски.

Николоски најави дека до нова година ќе се пушти во употреба и делницата од автопатот Охрид – Кичево кај Требеништа и дека сите села во општина Дебрца ќе бидат соодветно поврзани со пат.

Ниедно село нема да остане не поврзано. Се гради натпатник кај Подмоље, кај Св. Еразмо е веќе готов натпатникот, така што нема населено место коешто нема да е поврзано со автопатот. Се надевам дека до пролет ќе можеме да пуштиме нови километри автопат, а до лето се надевам дека и тунелите ќе ги пуштиме, рече Николоски.

Запрашан дали ќе се бара одговорност од некој за бавната изведба на автопатот Охрид – Кичево, министерот за транспорт истакна дека сега не сака да зборува за тоа за да не се сфати како изговор, но најави дека по завршување на изградбата јавно ќе ги изнесе сите детали поврзани со овој капитален инфраструктурен проект а на правосудството е да оцени дали нешто ќе преземе во врска со тоа.

 

Што се однесува до проблемот со дивоградбите, Николоски истакна дека решението не е во нова легализација, и најави дека државата ќе почне да се справува со овој проблем, најпрвин во Охрид и Скопје.

Конечно имаме компанија која ќе врши уривање на дивоградбите. Имаме два готови предмети комплетно завршени со судски инстанци, едниот е во скопската околина, а другиот во охридската, но не би изнесувал повеќе детали за да не им дадам можност да се подготват. Едниот во скопско е комерцијален објект, а другиот во Охрид е во заштитено подрачје, рече Николоски.

Г.М.