Се работи на стабилизација на косите и земјиштето на автопатот Кичево-Охрид со сложени инженерски и градежни зафати кои за прв пат се изведуваат во регионот за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, а до февруари се очекува да биде завршен патниот превој Пресека. Ова беше потенцирано по денешниот увид во градежните работи на кои присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, градоначалниците на општините Кичево и Дебрца, Александар Јовановски и Златко Сиљаноски, пратеникот Ѓоргија Сајкоски, како и заменик министерот за јавна администрација Лазе Јаќимоски.
Од Изведувачот и Надзорот бевме известени дека во моментов се работи на стабилизација на косините, како дел од подготовките за понатамошни градежни активности кои одат во насока на тоа што поголем дел од автопатот во изградба да биде функционален и ставен во употреба за полесно патување до туристичкиот центар Охрид. На подделницата 1 и 2 се работи припрема на заштитни мерки на косини и тоа со пошумување, поставување на геокомпозитна мрежа, прскање со бетон. На косина на стационажа на 15ти километар се изведува решение со галерија и се работи на бушење и бетонирање на шипови, оплатирање армирање на плоча, оплатирање армирање на кружни столбови, армирање и оплатирање на потпорен ѕид, информира Трајановски.
Се работи за буквално пробивање на планини, за косини кои се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта кон главната траса и за бројни проекти кои што за жал 11 години од кога почнал да се гради овој автопат не биле решавани, рече Николоски.
Со изборот на новата Влада на премиерот Мицкоски, со промените во Јавното претпријатие за државни патришта, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од коишто на 14 имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што првпат ќе се изведува не само во Македонија, туку во целиот регион. Со армиран бетон се застанува цела планина, потенцираше.

До февруари би требало целиот патен превој да е завршен, што многу ќе помогне додека не се пушти целиот автопат Охрид-Кичево, побезбедно и побрзо да се патува имајќи предвид дека патниот превој Пресека беше во една навистина катастрофална соостојба. Се работи на 11 км, коишто целосно се рехабилитираат и ќе значат побрз и побезбеден сообраќај, додаде Николоски.
Н.С.Ј.
фото. ЈПДП















