До ппчетокот на главната туристичка сезона во употреба ќе биде пуштен дел од автопатот Охрид-Кичево од Врбјани до Охрид, со исклучок на Ботун, а компетно овој важен инфраструктурен проект ќе биде завршен до крајот на 2026 година. Ова го најавија вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, по вонредниот надзор над активностите за изградба на автопатот Кичево-Охрид, што го извршиле изминатите два дена.

Надзор бил направен на повеќе позиции каде во моментов се вршат засилени градежни активности за реализација на овој капитален проект, соопшти Министерството за транспорт.

При извршените контроли беше констатирано дека градежните работи се одвиваат со силен интензитет, согласно новиот динамички план за изградба на автопатот. Исто така беше утврдено дека наследентите проблеми со експропријацијата, дислокација на водовите како и косините се решаваат во континуитет согласно планираната динамика. По целата траса работите се одвиваат интензивно, се со цел до почетокот на туристичката сезона да се пушти за сообраќај потегот од Врбјани до Охрид со еден мал прекин кај населеното место Ботун каде се работи на санација на свлечиште, велат од Министерството за транспорт.

Вицепремиерот Николоски истакна дека динамиката на работа се одвива според планираното и дека целиот автопат ќе се заврши до крај на 2026 година.

Паралелно со овој автопат, интензивно се работи и на автопатските делници Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани кои треба да завршат во следните три години со што Охрид, Струга и регионот целосно автопатски ќе бидат поврзани со главниот град.

Г.М.

Фото: Скриншот/Фејсбук/Министерство за транспорт