Македонија е меѓу ретките држави кои има двоцифрен раст на бројот на туристи. За само една година, воведена е 21 директна авио дестинација од европските метрополи, а само лани преку Македонија транзитирале преку 10 милиони патници. Ова доволно кажува за посветеноста на Владата за развој на туризмот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната трибина „Автопат Е- 75 Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам”.

Потенцијалите за развој на туризмот на Коридор 10 се огромни имајќи предвид дека ова е важен европски коридор низ кој минуваат транзит туристи, додаде вицепремиерот и посочи дека предизвикот е како овие туристи да се задржат во Македонија, но потенцираше дека се уште постојат одредени законски пречки кои не дозволуваат експанзија на туризмот.

Истакна дека изградбата на брзата пруга, понудата на винската индустрија, археолошките споменици и туристичките дестинации се предуслов за зголемување на туристичките посети.

Сите факти јасно укажуваат дека Коридор 10 е важен бизнис и туристички потенцијал. Туристичкиот потенцијал на Македонија не е ниту 10 % искористен. Во делот на бизнисот силно работиме на развојот на брзата пруга што многу ќе значи за развој на туримот. Со тоа од центар на Скопје до центар на Солун туристите ќе ги носиме за час и дваесетина минути. И очекувам кога ќе се заврши целиот коридор 10, авиосообраќајот да се намалува кон јужните делови и да се зголемува искористеноста на железницата на оваа рута на коридор 10. Во делот на туризмот, патниот сообраќај повеќе привлекува. На вчерашната седница на Влада усвоиме одлука, Министерството за транспорт да финансира целосно урбанистичко решение за археолошкиот локалитет Стоби. Со вложувањата што ќе се направат сметаме дека Стоби далеку би била поатрактивен. Од друга страна е винскиот туризам, Владата силно ги помага земјоделците. Винската индустрија имаше најдобри цени, се отвораат мали винарии во делот на Тиквешијата кои се повеќе посетни од транзитните туристи и предизвикот е како овие транзитни туристи да ги задржиме, истакна Николоски.

Тој потенцира дека се уште постојат законски пречки за изградба на хотели особено во заштитните подрчја, но вели дека државата и јавноста треба да почне да размислува за стратегија како да се привлечат инвеститори во овој тип на хотели.

Прв пат ова да го иницирам денес и морам да кажам дека на државата и фалат хотели и повеќе добри хотели. Во моментов сме во една ситуција кога е комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, посебно во заштитените подрачја. Практично невозможно е да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот туристички центар да нема хотели со пет звезди или има ограничување во висините. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Во ред е да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја олесниме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и за долж коридор 10, посочи Николоски.

Трибината „Автопат Е- 75 Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам” беше организирана од Министерството за култура и туризам. На трибината свое видување имаше министерот Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.

OhridNews