Задоволен сум со прогресот на изградбата на автопатот Охрид-Кичево. Во однос на најтешкиот дел од Извор до Врбјани веќе две галерии се целосно завршени, третата е некаде со 70 проценти динамика, а четвртата е со некаде 50 проценти динамика, изјави денеска министерот за транспорт Александар Николоски при посетата на општина Струга.
Во тунелите се работат народски кажано фините работи, односно се поставува софтвер, сигнализација за сообраќајот, сигнализација за рано предупредување од пожари, вентилациски системи, како и супер модерен контролен центар којшто е во функција со цел зголемување на безбедноста. И очекувам во текот на месец октомври оваа најтешка делница од автопатот Охрид-Кичево да биде ставена во функција. Со тоа практично ќе ни остане уште делот кај Ботун да го решиме во следниот период, и како што ветивме, во првиот квартал на идната 2027 година целосно да биде автопатот ставен во функција, потенцираше Николоски.
Потсети дека веќе се градат и Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, коишто се спој со Струга и со Охрид, додвавајќи дека очекува добри вести од Европската банка за обнова и развој за во текот на септември започне и изградба на уште еден автопат, а тоа е автопатот Кичево- Букојчани.
12-тина километри автопат којшто треба да ги спои автопатот Гостивар-Букојчани, односно заобиколувањето на Стража, со автопатот Охрид-Кичево, истакна Николоски.
Во однос на трасата Ќафасан-Требеништа, посочи дека во интензивни комуникации се со Албанија и се разгледуваат одредени опции со цел да се изнајде алтернативна рута.
Ние веќе интензивно комуницираме со Република Албанија, разгледуваме одредени опции, така што автопат ќе се гради, не е веќе прашањето дали ќе се гради. Тоа е добрата вест од препораките на УНЕСКО. Она што треба да се направи е само соодветната рута да се избере за да не наштетиме ниту на културното и историско наследство, ниту на биодиверзитетот, додаде Николоски.
Н.С.Ј.











