Александар Петрески е во паника по постигнатиот изборен резултат и затоа  вината ја бара во  некои измислени и фантомски работи, изјави денеска на прес конференција членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски.

– Александар Петрески не ја гледа вината во четири години неисполнети ветувања, не ја гледа вината во ниеден нереализиран проект, не ја гледа вината во тоа што направи коалција со криминални структури кои што во овие четири години владееја со градот, не ја гледа вината во тоа што користи стари методи на заплашување, купување гласови, закани на луѓе, на бизнисмени блиски до него, уценувања и слично, туку вината ја гледа во работи што се одавна надминати во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ, рече Николоски.

Според Николоски,  Петрески е свесен дека на овие избори граѓаните на Република Македонија кажаа „не“ на транзиционите политичари и дека тоа, како што рече, ќе се повтори во вториот круг во Охрид.

-Граѓаните на Охрид во вториот круг ќе побарат одговор дали е вистина дека градоначалникот во овој мандат заработи неколку милиони евра, дали е вистина дека поседува станови во Солун, неколку во Охрид, неколку во Скопје? Дали е вистина дека еден тесен круг луѓе околу него енормно се збогатија во овие 4 години на сомнителен и криминален начин? Дали е вистина дека од секој метар квадратен слободна градежна површина правеше криминал и профит?-запраша Николоски.
 
Николоски, кој кажа дека се обраќа како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, додаде дека „Министерството за внатрешни работи во Охрид се занимава и ќе се занимава со откривање на наодите за криминал во работењето на Градоначалникот и Општина Охрид, кои што се исклучително сериозни“

Според Николоски, за нешто повеќе од 10 дена Охрид ќе го води една нова помлада екипа, која наместо лични интереси,  ќе реализира десетици проекти за подобро живеење на Охрид.

OHRIDNEWS