На почетокот на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска во Стразбур, шефот на македонската делегација Александар Николоски бил реизбран за потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, јавија националните медиуми.

Според распоредот на сесијата, Николоски претседавал со претпладневната сесија. Во текот на сесијата, при изборот на новите претседатели и потпретседатели на работните тела на Парламентарното собрание, Николоски бил избран и за прв потпретседател на Комисијата за политички прашања и демократија. Во оваа Комисија членуваат шефовите на делегациите на земјите-членки на ПС на СЕ. Комисијата детално разгледува политички прашања кои спаѓаат во рамки на мандатот на Советот на Европа и се занимава со итни политички ситуации и кризи во земјите-членки на организацијата.

Членовите на Комисијата, имаат право да бидат застапени во делегациите на Собранието на релевантните европски министерски конференции и да ги следат нивните активности. Одржуваат и работни односи со европските и меѓународните организации, особено со Европската унија, ОБСЕ, ОН и нивните агенции и институции. Комисијата, исто така, ја промовира ратификацијата и имплементацијата од страна на државите-членки на Советот на Европа на конвенциите кои спаѓаат во нејзиниот делокруг.

Во изминатите две години Николоски беше потпретседател на Мониторинг комитетот на ПС на Совет на Европа.

OhridNews