По однос на јавните реакции за моето именување за амбасадор и шеф на мисијата на Република Македонија во Европската Унија би сакал да кажам дека одговорите на сите прашања лежат во Уставот на Република Македонија и законот за надворешни работи. Почитувањето на истите нема алтернатива, стои во писмената реакција на Александар Николоски во врска со одлуката на Владата да ја стопира постапката за негово именување за амбасадор во Брисел.

Николоски вели дека врвен приоритет за Македонија е да се подобри нејзиниот углед во ЕУ што би го олеснило интегративниот процес, а тој углед во Бриел можеме да го подобриме само со широк политички и општествен консензус, а не со политикантски препукувања.

Како амбасадор на Република Македонија во ЕУ ќе ги претставувам сите наши  граѓани,  државни институции и фактори и поради тоа не се кандидирав за пратеник на последните избори и се повлеков од сите  партиски функции – дополнува Николоски во писмената реакција.