И покрај тоа што Грција упорно го блокира интегрирањето на Македонија во ЕУ, граѓаните на нашата земја своето слободно време и пари ги трошат за одмор во таа земја, што претставува своевиден социолошки феномен, вели во изјава за OhridNews пратеникот во македонското собрание од Охрид, Александар Николоски.

-Правото на одмор и на користење на слободното време е право на секој граѓанин, но имам забелешка на односот кој што нашите граѓани го имаат кон Грција особено на една недела пред Европскиот самит каде што е најавено и јасно е дека Македонија по петти пат ќе добие вето, и дека петти пат со ред ние нема да ги отпочнеме преговорите за членствот со ЕУ. Во исто време истите тие преговори носат и посилна економија и повисоки плати и поголема вработеност и поголем животен стандард. Претставува еден социолошки феномен како е возможно да сакате и она што малку го заработувате да го потрошите кај тие кои што сакаат и тоа малку да не го заработувате. Тој феномен го има само во Македонија и никаде на друго место.-истакна Николоски.

Тој укажува дека со трошењето за одмор во грчите одморалишта, македонските граѓани ја зајакнуваат грчката економија, за сметка на домашната.

-Една проста математика вели дека ако 20.000 Македонци кои што отишле таму потрошат најмалку по 100 евра, а трошат и повеќе, тоа е најмалку 2,5 милиони евра приход за Грција и минус за Македонија, што говори многу само по себе.  Дали тоа директно можеме да го поврземе со Охрид е друго прашање, бидејќи Охрид си има свои предизвици со кои што треба да се соочува. Охрид мора да ја менува туристичката понуда и тука треба да сме свесни, директни, јасни и отворени. -вели Николоски.

Пратеникот Николски смета дека Охрид не може да очекува привлекување на туристи со понуда од пред дваесет години, посочувајќи дека угостителите  мора да се корегират и во делот на понудата и во делот на ценовната политика, а особено во делот на разбивање на стеретипите кои што важат за Охрид, но тоа според него не го оправдува однесувањето на домашните туристи.

-Можеби Охрид не е толку скап колку што се мисли, но така мислат граѓаните надвор од Охрид и мора угостителите да работат на  подобрување на перцепцијата за Охрид и исто така треба да работат на своја промоција и реклама. Но исто така тоа не е оправдување граѓаните да ја изберат Грција, а не Охрид, затоа што доколку дојдат во Охрид тие два и пол милиони евра ќе останат во Македонија и повторно ќе се вратат кај нив, затоа што ќе се направи промет тука, ќе има поголем обрт, фабриките повеќе ќе работат, бутиците, рестораните и.т.н., и сето тоа оди повторно кај македонските граѓани, а не оди таму каде што оди сега, така што навистина претставува своевиден социолошки феномен да одите таму каде што не сте добредојдени и да одите таму каде што политичарите на таа држава упорно 20 години наназад сакаат вие да не постоите.-изјави Николоски.

Претседателот Ѓорѓе Иванов во гостувањето на Канал 5 телевизија синоќа во шоуто на Миленко Неделковски, изјави дека општествата на двете земји се доближуваат, а граѓаните слободно комуницираат, но дека проблемот кој стои на патот на евроатлантските интеграции на Македонија го создаваат грчките конзервативни политичари. Пратеникот Николоски вели дека граѓаните и бизнисот треба да комуницираат меѓу себе, но кога станува збор за трошење на слободното време и заштедените пари треба да се има предвид каде се трошат.

-Држи тезата на претстедателот дека општествата треба да се доближуваат, но  исто така е факт дека граѓаните и во Грција и во Македонија гласаат на избори. Нас не избрале нашите граѓани, а грчките политичари, грчките граѓани. Ако грчките граѓани велат дека овие луѓе треба да ги водат кои што пет пати ни ставаат вето за влез во ЕУ, значи дека тоа го мислат и мнозинството грчки граѓани. Инаку невозможно е да тврдите дека грчките граѓани се пријателски настроени кон нас ама ете случајно гласаат за политичари кои што сакаат нас практично да не уништат. Секој народ си избира политичари какви што мисли да го водат. Ако грчкиот народ избрал вакви политичари значи такво мислење има. –додава Николоски.

OhridNews