Изградбата на автопатот од Охрид до Кичево се одвива според планираното и делницата до Врбјани ќе биде пуштена во употреба според предвиденото, изјави денеска во Охрид министерот за транспорт и врски Александар Николоски.

Задоволен сум како се одвиваат градежните работи на автопатот Кичево-Охрид. Во градежништвото активностите многу зависи од временските услови. Но, не очекувам тоа да значи одлагање повеќе од 5 до 10 дена. Како што реков крајот на јуни, најдоцна почетокот на јули ќе го отвориме потегот од Врбјани кон Охрид со еден прекин кај Ботун, истакна Николоски.

Останува на ставот дека до крајот на 2026 година ќе биде целосно завршен автопатот Охрид-Кичево. Побара разбирање од граѓаните за затворањето на делницата Охрид – Подмоље.

Свесен сум дека за дел од луѓето е сериозен проблем делот кој е затворен кај Подмоље, за тие што патуваат на релација Охрид-Струга, но тоа е единствениот начин да го завршиме автопатот и е за добро на сите. Пред неколку години беше затворен и ништо не се случи. Сега го затвороме да биде завршен тој дел. Очекувам за неколку недели да се заврши таа работа, замолувам за трпение. После тоа ќе имаме автопат, рече Николоски.

Во разговор со новинарите тој се осврна и на новата авиолинија Скопје – Ларнака Кипар, и линијата Охрид – Базел, кои стартуваат порано од најавеното.

Вчера го потпишав договорот за отворање на 11 нова линија откако е оваа Влада. Тоа е новата авиолинија Скопје – Ларнака Кипар која ќе оперира преку целата година. Линијата Базел – Охрид ќе стартува порано. Планот беше да стартува во јануари 2026 година, но ќе почне во октомври годинава, односно четири месеци порано од планираното. Сакаме да ги донесеме во Македонија и „Ryanair“ за брзо време мислам ќе излеземе наскоро со добри вести, додаде Николоски.

Г.М./Н.С.Ј.
Фото: А. Момироска