Остануваме посветени на заштитата и управувањето со водните ресурси во државата во согласност со приоритетите за економски развој и заштита на природните богатства како и усогласување на директивите на ЕУ, истакна денеска вицепремиерот Александар Николоски на состанокот на експретско ниво за заштитата на сливот на река Дрим и Охридското сливно подрачје.

За нас, заштитата на водата и водните ресурси е од големо значење. Чистата вода не е само природно богатство, туку и цивилизациска вредност што го одредува квалитетот на животот и одржливоста на идните генерации. Сливот на реката Дрим, кој опфаќа неколку земји и култури, ја симболизира нашата меѓузависност и колективна одговорност, но е и регион за градење политичка соработка, како и за развој на одржлива економија. Дрим не е само река, Дрим е наше природно богатство и наследство, а во исто време сливот на реката Дрим е регион со огромен капацитет за развој на инфраструктурата и туризмот. Водите на Охридското Езеро претставуваат културна вредност, туристички потенцијал и важен економски двигател. Чистата вода станува ресурс што создава можности, работни места и ни овозможува меѓународно препознавање, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој дополни дека Владата активно работи на спроведување на Стратегијата за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион, а истакна и силна подршка на меѓународниот проект за заштита на сливот на реката Дрим.
Во овој поглед, силно го поддржуваме проектот ГЕФ на Охридското крајбрежје, како и напорите на Глобалното партнерство за води – Медитеран. Сите мора заеднички да се фокусираме на борбата против различните форми на загадување на водата и да создадеме еколошки пристап што ќе произведе здрави екосистеми и долгорочна безбедност на водата, рече вицепремиерот Николоски.
Состанокот беше во организација на Дрим Кор Групата на кој се разговараше за идните мерки и активости за заштита на сливото подрачје на реката Црн Дрим.
OhridNews













