Во текот на следните недели посредникот Метју Нимиц ќе свика нови средби меѓу грчките и македонските преставници за продолжување на дијалогот за решавање на спорот за името, изјавил неговиот портпарол Мартин Несирки, пренесува „Макфакс“.

„Господинот Нимиц планира да ги свика претставниците на двете страни повторно во неделите што доаѓаат. Генералниот секретар искрено се надева дека овие разговори ќе отворат пат за посериозни преговори да се најде взаемно прифатливо решение решение за спорот за името“, изјавил Несирки.

Последната посета на посредникот на регионот месецов не вроди со плод, бидејќи како што потенцираше тој, се уште има непоместливи разлики меѓу двете страни. Грција инсистира на сложено име со географска одредница кое ќе биде за севкупна употреба, нешто за што примедби имал и Нимиц, кој инсистирал на поинаков дијапазон на употреба.

Грчките позиции во неделата ги потврдил и шефот на грчката дипломатијата Евангелос Венизлос, ко по средбата со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјавил дека Атина сака јасно и дефинирано решение кое не само што ќе и помогне на неговата земја да го оконча овој спор, туку кое ќе биде и гарант за европската перспектива на Македонија.

Засега нема најави и за нови грчко-македонски средби за време на Генералното собрание на ОН. Во моментов во Њујорк е македонската делегација предводена од премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Никола Попоски, додека пак грчкиот премиер Андонис Самарас во Њујорк ќе пристигне откако македонската делегација ќе се врати во Скопје.

OhridNews
извор:„Макфакс“