Посредникот на Обединетите нации во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц денес и утре ќе оствари средби со преговарачите од двете земји, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Посредникот во Њујорк најпрво ќе има одделни средби со двајцата претставници, а за во петок е закажана и заедничка средба на која ќе бидат разгледани позициите на двете страни.

Септемвриските посети на Нимиц на регионот не резултираа со придвижување на процесот за решавање на овој спор, бидејќи како што тогаш потенцираше медијаторот, „се уште има суштински разлики во позициите на двете страни”. Процесот не успеа да добие на динамика нити на Генералното собрание на ОН во Њујорк кон крајот на минатиот месец, кога делегациите на македонскиот премиер Никола Груевски и грчкиот колега Андонис Самарас практично се разминаа.

Додека македонската страна во последниот период постојано ја повикува грчката страна на конструктивност и волја за разговори и продолжување на процесот, од Атина одговорот беше дека Грција цврсто останува на своите позиции во овој спор, а тоа е дека решението мора да биде име со географска одредница и за севкупна употреба.

OhridNews

извор:Макфакс