Суштинските разлики меѓу двете страни остануваат, но позитивното е тоа што сепак со двете страни се разговара за име кое ќе го содржи терминот „Македонија” и кое ќе има одредница, изјави посредникот на ОН, Метју Нимиц по средбата со премиерот Никола Груевски, шефот на дипломатија Никола Попоски и амбасадорот Зоран Јолевски.

Според Нимиц, забелешките на Грција во однос на неговиот последен предлог од април годинава се однесуваат на две работи- позицијата на географската одредница и севкупната употреба на евентуалното име.

„Дадов формулација за можно име, името мора да го содржи зборот Македонија, бидејќи земјата е во македонскиот регион, така што мора да има и одредница за да се потенцира дека има разлика. Предложив одредница и грчката страна имаше позиција за тоа каде одредницата треба да стои, а владата тука има поинаков поглед на ова, тоа е суштинската разлика. Позитивното е тоа што разговараме со двете страни за име кое ќе го содржи терминот „Македонија” и разговараме за истите работи, но има разлики во позициите”, потенцираше медијаторот, додавајќи дека ниеден од неговите досегашни предлози не содржел етничка формулација за евентуалното име, туку само географска одредница.

Во однос на втората забелешка на северниот сосед, Нимиц вели дека Грција бара севкупна употреба на она име кое ќе се постигне како решение, односно внатре во земјата, надвор од неа, и во официјалните документи и при меѓународните институции, додека тој предложил ограничена употреба.

Според грчките медиуми, предлогот „Горна Република Македонија”, кој не беше прецизиран од Нимиц овој пат, грчката страна го одбила поради положбата на географската одреница пред уставното уредување на земјата, а не пред името на земјата.

OhridNews

Makfaks