Македонската кошаркарска репрезентација со пораз од Ангола 88-84 ги започна предквалификациите за летните Олимписки игри во Лондон.


Летаргичниот почеток во првата четвртина и втората четвртина ја чинеше македонската експедиција пораз на стартот од предквалификациите. Ангола со девет тројки во првиот дел и неверојатни 76 % прецизност од поле ја создаде разликата која знаеше да ја задржи до крајот од мечот.

Во третиот период избраниците на Лазовски ги неутрализираа расположените кошаркари на Ангола, не дозволувајќи им лени поени и “чисти“ шутеви за три. Во последниот период  “црвено жолтите“ фатија резултатски приклучок. При негатива од четири поени разлика, В. Стојановски и Перо Антиќ не успеаа да реализираат обиди за три поени по што поразот на стартот од предквалификациите беше неизбежен.

Најефикасен кошаркар кај Македонија е Лестер Бо Мекклејб со 21 поен. Капитенот на “црвено жолтите“ Перо Антиќ постигна 17 додека по 12 кошеви уфрлија Илиевски, Самараџиски и В. Стојаноски. Најпрецизен во тимот на Ангола и воопшто на мечот беше Мингаш со 24 поени.

Одбраната и скок играта која ја красеше македонската репрезентација на Европското првенство во Литванија потфрли. Ангола собра дури 13 топки повеќе од центарите на македонската селекција.

Следниот натпревар Македонија го игра денеска со почетокот во 20:00 часот по македонско време.

Мх.П.