Шпанската нискобуџетна компанија „Вуелинг“ е најсериозен кандидат за оперирање со најавените летови од скопскиот аеродром до четири града во Шпанија, објави „Дневник“. Оваа авиокомпанија, која е основана во 2004 година, е во финални преговори со ТАВ за да почне да лета од земјава налето. Ако преговорите завршат успешно, извесно е дека една од дестинациите ќе биде Барселона, за која постои многу голем интерес, а другите градови допрва ќе се дефинираат.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, неодамна најави дека наскоро ќе се распише јавен повик за субвенционирање нискобуџетни компании на кој ќе може да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни авиокомпании што сакаат да воведат нови линии од Скопје и Охрид до Шпанија и Норвешка.
Од „ТАВ Македонија“ не ја потврдуваат информацијата и засега не ги откриваат конкретните планови.
-„ТАВ Македонија“ е во постојана комуникација со новите, потенцијални и со авиокомпаниите што веќе летаат од македонските аеродроми во врска со нивните планови. Не би сакале да откриваме име на која било авиокомпанија пред да добиеме официјална потврда дека таа ќе почне да лета од и до македонските аеродроми, велат од „ТАВ Македонија“.
Според податоците објавени на интернет-страницата на „Вуелинг“, авиокомпанијата лета до над 100 града во Европа, Северна Африка и на Блискиот Исток.
OhridNews
Извор: „Дневник“













