Иако нивото на Охридското Езеро според денешното утринско мерење беше непроменето,  постојаните врнежи од дожд, придонесоа езерскиот водостој повторно се искачи за еден сантиметар. Тоа значи дека нивото на езерото сега изнесува 74 сантиметри над нултата или 16 сантиметри над максимално дозволената точка.

РЦУК Охрид заедно со екипа од Општина Охрид излегоа на терен  во селото Пештани со цел да се согледа состојбата на критичните места на регионалниот пат,  кој минува низ селото. Тие донесоа одлука за ангажирање на сили и средства за интервенција на оштетените делови од крајбрежниот езерски појас, кој се протега по должината на патот. Агенцијата за патишта заедно со „Македонија пат“  денеска треба да извршат санација и со крупен камен. Теренот го посетила и екипа на Телеком која извршила согледување на состојбата на подземните кабли кои минуваат по должината на патот.

Со цел да се заштити  од натамошно поткопување од  езерските бранови, во текот на вчерашниот ден на најкритичното место од патот се поставува вреќи со песок. За дотур на песок, во оваа акција беа ангажирани екипите  и механизацијата на „Македонија пат“.

Претставници од Дирекцијата за заштита и спасување и на РЦУК Струга го контролирале течението на реката Сатеска и селото Радожда. При тоа биле утврдени критични места во селата Радожда и Калишта и таму ќе се постават заштитни насипи со вреќи од песок, информираат од ЦУК.

Ohridnews