Денешните врнежи од дожд дополнително го зголемија нивото на Охридското Езеро, кое според последните мерења, извршени вчера, е на +27 сантиметри над максимално утврдената кота од 693,75 метри надморска височина.


Надојденото езеро предизвика покачување и на подземните води од кои се поплавени поголем број простории во индивидуални куќи, но и деловни објекти на првата линија во селото Пештани. Под вода се и испустните цевки од колекторот, кој не може да ги прими надојдените води. Поради преоптовареност дел од пумпните станици не се во состојба да ги прифатат и пречистат отпадните води кои директно се излеваат во езерото.

Под вода се и дел од плажите на источното крајбрежје, но и во центарот на градот. Езерото го поткопа регионалниот пат Охрид – Св. Наум, во близина на Пештани. Каналот Студенчишта се прелева, а преполно со вода е и Студенчишкото блато кое поплави дел од рекреативната патека која води до Горица. Поплавени се паркови во градот, како и обработливо земјоделско земјиште во околината на Охрид и во општина Дебрца каде големи проблеми предизвикуваат надојдените реки.

Врнежи од дожд, но во помал обем се очекуваат и утре, а на планините и на некои повисоки места можен е слаб снег. Врнежи ќе има и во вторник, што неповолно ќе влијае на ионака влошената хидролошка состојба во охридскиот регион.

OhridNews