Продолжува падот на нивото на Охридското Езеро, што според надлежните се должи на неповолната хидролошка состојба и градежните зафати за чистење на насипите пред истекот на реката Црн Дрим во Струга, поради што тој беше максимално отворен.

Според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Охридското Езеро се наоѓа на 693,16 метри надморска височина, што е еден сантиметар под котата утврдена со Билатералниот договор помеѓу Македонија и Албанија (693,17 м.н.в.), односно на само 6 сантиметри до природниот минимум (693,10 м.н.в.).

Во меѓувреме на плажите на источното крајбрежје никнаа нови огради кои навлегуваат во езерските води, алармираат локалните жители.

Сега нивото на езерото е на минимум, а со поставувањето вакви пречки се оневозможува слободното движење на луѓето. – велат граѓани кои секојдневно рекреираат на овој простор.

Деновиве опаѓа и температурата на водата во Езерото. Според денешните мерења таа изнесува 20 C°.

Г.М.