По неколку годишна интензивна работа на исклучително тежок терен, од вчера и официјално е пуштен во употреба автопатот низ Грделичката клисура во Република Србија, со кој се комплетира паневропскиот Коридор 10 од Северна Македонија до Унгарија во должина од 600 километри автопат.

Автопатот низ Грделичката клисура е долг 26,3 километри, има два тунели со вкупна должина од 2,8 километри и 33 мостови. Во текот на градежните работи минирани беа цели ридови и исправено беше коритото на реката Морава.

На свеченоста по повод отворањето на автопатската делница низ Грделичката клисура присуствуваше Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој ја истакна важноста на овој инфраструктурен проект.

Сега, нашите граѓани, граѓаните на двете земји, како и европските граѓани, имаат автопатско решение од северната до јужната порта на Европската Унија. Сега од Скопје до Белград ќе се патува за триипол до четири часа. Со пропишаната брзина на автопатот. Намалувањето на физичката, временската дистанца, меѓу главните градови на Северна Македонија и на Србија е соодветна на пријателството и блискоста меѓу нашите народи што ја носат во своите срца. – рече премиерот Заев.

Премиерите на С.Македонија и Р.Србија, Заев и Вучиќ

Пуштањето во употреба на автопатот низ Грделичката клисура ќе има големо значење и за туризмот во Охрид, со оглед дека гостите од Србија традиционално се меѓу најбројните на ривиерата, Но, вистински позитивен ефект ќе има кога Охрид автопатски ќе се поврзе со Скопје, односно Република Србија. Во 2014 година започна изградбата на автопатот од Охрид до Кичево, кој поради проблеми со трасата се’ уште не е завршен, а делницата од Кичево до Гостивар преку Стража засега е во фаза на планирање.

OhridNews
фото: влада.мк