Со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги и превентивна здравствена заштита на населението во Охрид, Струга, Дебрца, охридскиот Центар за јавно здравје воведува низа новини во работењето.

Од 1 ноември се воведуваат работни саботи, со цел да им се излезе во пресрет на сите оние пациенти кои имаат потреба од микробиолошки анализи, а кои од најразлични причини не успеале тоа да го направат во текот на работната недела.

– Во сабота работното време ќе биде од 8 до 12 часот. Ќе биде присутен соодветниот персонал кој ќе прима пациенти и ќе ги обработува материјалите. Резултатите нема да се издаваат во сабота, туку во понеделник наредната недела, информира директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков.

За да се излезе во пресрет на евентуалните вонредни состојби, пред се во случај на појава на епидемии, а во интерес и на инспекциските служби, се воведува и приправност која ќе биде според одреден редослед и список. Истото ќе важи и за подрачните единици во Струга и Дебар.

– Кој персонал ќе биде приправен, надлежните органи ќе бидат навремено информирани. Новини има и во начинот на доставување на резултати и наоди кои се однесуваат на испитувањето на водата, прехранбени производи и наоди на пациенти, кои се испраќаат на мејл. Сето ова се прави со цел да има веднаш реакција од страна на инспекциските служби кои веднаш ќе го имаат наодот, објаснува Точков.

Во однос на вакцинацијата против сезонски грип од Центарот за јавно здравје информираат дека е при крај. До сега се вакцинирани 2.880 лица од Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Дебрца, Центар Жупа.

OhridNews