Вчера во НЛБ Галеријата во Скопје, беше потпишан договор за продажба на НЛБ Нов пензиски фонд, пензиско друштво кое управува со два пензиски фонда во Република Македонија (задолжителен пензиски фонд кој е дел од задолжителниот втор пензиски столб и доброволен пензиски фонд кој е дел од третиот пензиски столб). Целосниот износ со кој управуваат обата фонда во моментот достигнува повеќе од 430 милиони евра. Купувачот на 100% од акциите е групацијата Сава Ре д.д. Љубљана, Словенија. Преносот на акциите ќе се реализира кога ќе бидат обезбедени сите неопходни дозволи од надлежните органи, информираат од НЛБ Банка.
НЛБ д.д. Љубљана поседуваше 51% од акционерскиот капитал, додека останатиот беше во сопственост на НЛБ Банка АД Скопје, која заедно со НЛБ д.д. Љубљана го продаде својот акционерски удел во НЛБ Нов пензиски фонд.
„Повлекувањето од сопственоста на НЛБ Нов пензиски фонд во никој случај не значи повлекување од Република Македонија. Напротив, НЛБ Банка АД Скопје останува стратешки член на НЛБ Групацијата, каде што гледаме голем потенцијал за надградба на бизнисот, и со населението, и со корпоративниот сектор. Со Сава Ре, фондот добива соодветен стратешки сопственик од осигурителниот сектор, кој ќе обезбеди не само стабилност, туку и дополнителен развој на компанијата, како и до сега, во интерес на членовите на фондот. Трансакцијата е уште еден показател за големите словенечки интереси за соработката меѓу пријателските нации и забрзаната асоцијација на Република Македонија во Евро- Атланските структури.“ – изјави Блаж Бродњак, Претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана.
OhridNews