Со врачување на уверението од страна на ОИК Дебрца, на новиот градоначалник на општината, Зоран Ногачески, денес и официјално му започна градоначалничкиот мандат.
При преземањето на функцијата, градоначалникот Ногачески истакна дека ќе биде градоначалник на сите жители на општината.

– Ви благодарам на сите кои го дадовте гласот за мене и за нашата советничка листа и со Вашиот глас ни дадовте можност да ја водиме општина Дебрца. Ни дадовте голема чест, но уште поголеми обврски и одговорности. Почит и кон оние кои не гласаа за мене, потполно го респектирам и нивното мислење. Ветив и ветувам дека ќе бидам Градоначалник за сите. Вратите на општината ќе бидат отворени за сите. Најавив ново време на одговорна, транспарентна услужна, правична, отворена општина, и тоа ќе биде така. Ќе градиме една општина за сите, рече Ногачески. Додаде дека со силна верба, неуморна работа и посветеност, заеднички ќе се реализира визијата за Дебрца.

Ногачески градоначалничката функција ја презеде од досегашниот градоначалник Игор Трајкоски, кој упати честитки до новиот прв човек на општината.

– На новиот градоначалник на Општина Дебрца, Ногачески му го честитам мандатот и му посакувам успех во реализација на проектите поврзани со Дебрца. Притоа напоменувам дека во мојот мандат општината имаше најголем прогрес, па оттука се надевам дека и половичната негова реализација на она што го спроведовме додека бевме на власт ќе преставува успех. Транспарентноста била наша одлика па затоа известуваме дека ја предаваме општина Дебрца со позитивно салдо од 879.269.00 денари, рече Трајкоски.


Трајкоски потенцира дека домаќински пристап се очекува и од страна на новиот градоначалник, чија работа опозицијата будно ќе ја следи.

OhridNews