Од ова место, од слободарските Сливовски Анови, од местото каде што во НОБ тргна факелот на слободата и го донесе новото сонце на слободата над Македонија,  сакам Ви испратам порака: Дебрца успеа, жителите на Дебрца покажаа дека слободата и демократија се најважна вредност во нашето општество, изјави новоизбраниот градоначалник на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

– Ви честитам на сите што се одваживте и гласавте за промени во нашата општина! Ви благодарам на сите кои го дадовте гласот за мене и за нашата советничка листа и со Вашиот глас ни дадовте можност да ја водиме општина Дебрца. Ни  дадовте голема чест, но уште поголеми обврски и одговорности. Почит и кон оние кои не гласаа за мене, потполно го респектирам и нивното мислење. Ветив и ветувам дека ќе бидам градоначалник  за сите. Вратите на општината ќе бидат отворени за сите, вели Ногачески.

Додава дека неговото ветување за општината која ќе биде сервис на граѓаните, ќе биде исполнето.

– Најавив ново време на одговорна, транспарентна услужна , правична, отворена општина-за сите граѓани и тоа ќе биде така. Ќе градиме една општина за сите. Нема повеќе да има делби по нација , вера и партија, ќе ставиме крај на секоја пизма меѓу граѓаните. Со силна верба, со неуморна работа и посветеност,  верувам дека заеднички ќе напредуваме и  заедно со сите граѓани, ќе ја реализираме нашата визија за Дебрца. Не чека многу работа, ќе ги засукаме ракавите и верувајте ќе успееме. Ќе се избориме за подобра и надежна Дебрца, во која искрено верувам. Го имате мојот збор, порачува Ногачески.

OhridNews