Вториот круг е шанса да покажеме дека иднината на Дебрца не ја определуваат партиите, туку луѓето – ние, граѓаните! Вториот круг е момент кога секој од нас треба да одлучи: дали сакаме општина со визија, чесност и развој, или да се вратиме назад под партиски диктати, посочува независниот кандидат за градоначалник на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Да покажеме дека Дебрца не се купува, не се уценува и не се продава. Секој глас е важен. Секој глас е порака дека народот одлучува. Да продолжиме и да покажеме дека Дебрца има свој став, свој глас и свој достоинствен пат. Јас верувам во Вас, верувам во секое село и секој човек во Дебрца. Верувам дека повторно ќе ја покажеме нашата зрелост, нашата љубов кон местото што го нарекуваме дом. До последен ден – за вистината, за чесноста. За Дебрца, вели Ногачески.

Посочува дека првиот круг не поминал како што се надевале, но покрај предноста на противкандидатот борбата не е завршена.

Впрочем, вториот круг започнува од нула. Јас не сум човек што се предава. Сум се борел и кога било потешко од сега. Ова не е само моја борба, ова е борба на сите што сакаат фер и чесна општина. Мораме да продолжиме да се бориме, за да покажеме дека тука живеат горди, вредни и чесни луѓе. Сега е време да се обединиме, да не дозволиме да се изгуби насоката по која тргнавме, додава Ногачески.

OhridNews